Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 30-годишен државјанин на Република Италија со жителство во Скопје, за кого постои основано сомнение дека сторил четири кривични дела – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1, како и еден обид за разбојништво согласно член 237 став 4 во врска со став 1 и со член 19 од Кривичниот законик.
На 6 ноември обвинетиот влегол во книжарница на булеварот „Партизански одреди“ и со нож се заканил на вработената, барајќи да му даде пари. Исплашена за својот живот, оштетената од касата на книжарницата извадила 15.000 денари кои му ги дала на обвинетиот, кој потоа веднаш избегал.
Истиот ден, на улица „Московска“ во аптека и се заканил на вработената со нож и ги побарал парите од касата, но таа започнала да вика и го стиснала паник-тастерот. Во тој момент обвинетиот избегал од местото, не успевајќи да ја реализира намерата за противправно одземање туѓи предмети.
На 9 ноември на сличен начин, заканувајќи им се со нож на вработените, обвинетиот одзел 3.000 денари од продавница за играчки на булеварот „Партизански одреди“.
На 14 ноември, во маркет на улица „Букурешка“ го вперил ножот кон една вработена, заканувајќи и се дека ќе ја повреди ако не му даде пари. Оштетената му ја отворила касата, од каде тој самиот одзел 10.600 денари и избегал.
На истиот начин, на 16 ноември, обвинетиот противправно присвоил 6.525 денари од бутик за долна облека на булеварот „8-ми Септември“.
Бидејќи се уште постојат околности кои упатуваат на можност обвинетиот да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.