По повеќемесечна предистражна постапка под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, Одделот за специјални полициски операции и Агенцијата за национална безбедност реализираа полициска акција како продолжение на акцијата реализирана во август годинава.
Постапувајќи по кривичната пријава доставена од Министерството за внатрешни работи, надлежниот обвинител издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица од Скопје и пет лица од Куманово. Осумтемина кои се на возраст од 21 до 32 години се осомничени дека сториле кривично дело „терористичка организација“ предвидено и казниво по член 394-а став 2 од Кривичниот законик.
Првоосомничениот, кој учествувал во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија, создал терористичка организација во која членувале останатите осомничени, како и две претходно притворени лица. Членовите на групата која во основа ја има идеолошката матрица на терористичката организација ИСИС, преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето кое што го набавиле. За меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Whats App“ каде меѓу другото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси.
Врз основа на наредби за претрес во дом и други простории, извршени се претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што се пронајдени и лишени од слобода сите осум лица.
Приведените лица ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.