Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
На 27.11.2020 година, обвинетите дошле пред просториите на финансиско друштво на улица „Васил Главинов“. Едниот обвинет, на возраст од 31 година, чувал стража пред вратата на објектот. За тоа време другиот обвинет, 63-годишен скопјанец, влегол внатре, на двајцата вработени им се заканил со пластичен пиштол, па од сефот и фиоките на финансиското друштво одзел 303.606 денари. Двајцата обвинети потоа избегале во правец кон Камениот мост, но овластени службени лица ги пресретнале и ги лишиле од слобода, а парите им ги одзеле.
Ценејќи дека и натаму постои опасност од бегство, можност обвинетите да влијаат врз сведоците/оштетените или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.