Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека сторило кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
На 15 јануари, во куќа во сопственост на таткото на 48-годишниот осомничен во Сингелиќ, биле пронајдени речиси 13 килограми марихуана во 39 пакувања, како и околу 4 литри хашиш масло. Освен ова, полициските службеници при претресот пронашле и еден пиштол марка „Црвена застава“ 9мм Para, две рамки со по 9 куршуми за овој пиштол и уште 39 куршуми од неутврден калибар.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и сокривање на трагите, како и можност да го повтори делото.