По спроведената истражна постапка надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд достави Обвинителен акт против дваесет и четиригодишниот И.Т. од Скопје, за сторено кривично дело – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации од член 322-а ст.3 од Кривичниот законик. Обвинетиот е дел од групата опфатена во акцијата „Ќелија 2″. За потсетување, акцијата беше спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година и притоа беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше лишено од слобода уште едно лице. За останатите три лица меѓу кои и обвинетиот И.Т. беа распишани национални и меѓународни потерници.
Имено, по претходна радикализација во нашата земја, И.Т. како македонски државјанин спротивно на законот заминал во Сирија, каде бил обучуван и учествувал во воените акции на правоената формација – муџахединска единица наречена „Тахрир Хајат Ал-Шали“ – Tahrir Hayat Al – Shali, која од страна ООН е прогласена за терористичка организација. По завршената обука која траела околу 6 месеци бил распореден во единица задолжена за обезбедување на терен во близина на градот Ибдил и извршувал одредени стражарски активности. По постигнатото примирје во 2017 година, обвинетиот во месец јули 2019 година од Сирија илегално влегол во Р.Турција и одреден временски период престојувал во Анкара и Истанбул. Со оглед дека со него имал патна исправа со истечен рок на важење не можел легално да се врати дома, па стапил во контакт со неговите родители. Согласно договорот, тој илегално ја преминал турско – грчката граница и во Р. Грција се сретнал со неговите родители, кои му ја донеле патната исправа на неговиот брат со која ја поминал границата и истиот ден преку ГП Долно Блаце ја напуштил државата заминувајќи на Косово. Кога се вратил во РС Македонија врз основа на претходно издадена Наредба за издавање на национална и меѓународна потерница од 2017 година, обвинетиот И.Т. на 06.10.2020 година беше спроведен во КПУ Затвор Скопје – Скопје.
Имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, како и меѓународниот карактер на истото, а воедно и фактот дека обвинетиот долго време бил недостапен на органите на прогонот, обвинителството со Обвинителниот акт достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судија на претходна постапка.