Соопштенија

Обвинителството бара притвор за две лица – креаторот и администраторот на „Јавна соба“

Основното јавно обвинителство Скопје во текот на вчерашниот ден до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за лишување од слобода на две лица – креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. По наредбата е постапено и лицата се лишени од слобода.

Надлежниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.

Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега беше неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи. По овие наредби и барања беа доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува.

Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности.​

Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела. МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност, а кога тоа го пропишува Законот за кривична постапка, и по наредба и барање на јавниот обвинител.

Воедно, Јавното обвинителство ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“ кои во иднина треба да овозможат поефикасен прогон на овие кривични дела.​