Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, денеска одржа прес-конфереција на на која ги информираше медиумите и јавноста за деталите од предметот под назив „Планина“.
Почитувајќи ги протоколите за заштита од натамошно ширење на вирусот COVID-19, прес конференцијата беше реализирана на далечина. Видео записот може да го погледнете на Фејсбук страницата на Медиумската информативна агенција – МИА, mia.mk.
Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на обвинителката во целост:
Во периодот од 26.03.2020 до 24.03.2021 година, двајца осомничени од село Грчец, поединечно и заедно, неовластено и заради продажба, во повеќе наврати купувале одредена количина на наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана од НН лица, која ја држеле скриена на безбедни локации во село Грчец. Со цел неовластено да ја продаваат, осомничените организирале мрежа на посредници и препродавачи, составена од 17 други осомничени, од кои 16 полнолетни сторители и едно дете во судир со закон над 16 години.
Дополнително, двајца осомничени од населбата Гази Баба, поединечно и заедно, неовластено и заради продажба, во повеќе наврати купувале одредена количина на наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана од НН лица и истата ја држеле скриена на безбедни локации во населба Гази Баба. Со цел неовластено да ја продаваат, организирале мрежа на посредници и препродавачи, составена од вкупно 7 осомничени, полнолетни сторители.
Претходно наведените осомничени, членови на двете организирани криминални мрежи, воспоставиле контакти со заинтересирани купувачи на наркотична дрога, во Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови, со кои откако ќе се договореле за видот, количината и цената на наркотичната дрога, организаторите на криминалните мрежи им ја давале на препродавачите, измерена и соодветно спакувана, а која осомничените ја продавале на заинтересираните купувачи.
Паричните средства стекнати од неовластената продажба на наркотичната дрога, членовите на криминалните мрежи им ги предавале на организаторите, кои како награда на продавачите им давале плата или процент од постигнатата цена која се движела во износ од 4000 до 5000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана.
Знаејќи дека при претрес на нивните домови, особено за осомничените од село Грчец, не се очекуваше да се најдат големи количини на наркотични средства, наведените организирани криминални мрежи од наша страна една цела година се следени и документирани во нивните криминални активности, при што се обезбедени голем број на докази кои ќе бидат презентирани на Судот.
На 25.03.2021 година, врз основа на наредбите за претрес добиени од судијата на претходна постапка, извршени се претреси на повеќе локации во село Грчец и населбата Гази Баба, при што се пронајдени и одземени поголеми количини на наркотична дрога – кокаин и марихуана, кои се предадени на вештачење. Дополнително, пронајдени се и ваги за мерење на наркотичната дрога, паричните средства и други предмети прибавени со извршувањето на кривичното дело, а претходно споменатите осомничени се лишени од слобода, додека пет од осомничените се дале во бегство и за сега се недостапни на органите на прогонот.
Напреднаведените вкупно 23 осомничени лица кои се лишени од слобода се изведени пред судија на претходна постапка, а за повеќето од нив е побарана мерка притвор. За петте осомничени кои се во бегство издадени се потерници за нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
До судијата за претходна постапка се доставени две наредби за спроведување истражна постапка, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик.“