Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 55-годишник од село Долна Бањица, во периодот од ноември до декември 2019 година, во својство на службено лице – картист-насочувач во Подружница ЦРПС Гостивар, присвоил поштенска пратка од Република Србија наменета за лице од село Добридол, во која имало банкарска картичка и пин број со која оштетениот требало да ја подигне пензијата. Потоа, обвинетиот неколкупати ја употребил картичката и од банкомат подигнувал готовина, при што вкупно противправно присвоил 15.000 денари.