Ќе побарам податоци за ефикасноста на секој обвинител, а од раководителите на обвинителствата ќе слушнам и предлози за надминување на состојбите констатирани од Стејт департментот, вели Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески во интервју за Дојче Веле, програмски сервис на македонски јазик.
Интервјуто го пренесуваме интегрално.
Кога станува збор за состојбите во македонското обвинителство, забелешките во најновиот Извештај на Стејт депаратменот беа фокусирани на пробивањето на роковите за истраги и отсуство на одговорност за обвинителите заради таквите состојби. Во Извештајот се посочува дека „генерално, обвинителите треба да ги завршат истрагите во рок од 6 месеци, иако истите може да се пролонгираат на 12 месеци во посложените случаи, и на 18 месеци во случаи со организиран криминал во координација со претпоставениот, но во практика обвинителите често ги надминуваат овие рокови и не сносат последици за нивно неисполнување“. Од републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, побаравме одговор – дали се точни ваквите констатации, на што се должат, и дали ќе има одговорност.
ДВ: Објективни ли се забелешките во Извештајот на американскиот Стејт департмент за работата на Обвинителството?
Внимателно ги разгледав забелешките во Извештајот на Стејт Департментот и значајни се две работи: прво, се забележува напредок кај сите институции во справувањето со криминалот и второ, се констатира дека дека роковите за спроведување на истрагите кај некои предмети во обвинителствата се пробиени.
Оваа оценка е објективна, меѓутоа треба да се знае, дека овие рокови се од инструктивна природа и се во функција на дисциплинирање на обвинителите во однос на времето за завршување на истрагите. Но, не значи дека во овие случаи истрагите се запираат. Овие забелешки се однесуваат повеќе на предметите од СЈО, но за тоа има објективни околности, а тоа е состојбата во која на почетокот работеше обвинителството и тогашната несоработка на надлежните институции со СЈО. Во овие предмети осомничени се поголем број лица за повеќе кривично правни дејствија, што посочува дека истрагата се водела за сложени предмети. Но, тоа не значи дека и во предмети во кои постапува редовното обвинителство нема слабости и пречекорување на роковите од најразлични причини. Меѓутоа станува збор за мал број на предмети, бидејќи кога јавниот обвинител не може во определениот рок да ја заврши истрагата, согласно законот, од повисокиот јавен обвинител образложено бара продолжување на рокот, а потоа ако е потребно, за обезбедување на релевантни докази за донесување на одлука, се обраќа за дополнително време и до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Да бидам појасен, ова не го кажувам како оправдување, туку како реално согледување на реалната состојба. Јас разговарав со некои од раководителите на обвинителствата за надминување на ваквите состојби и до нив ќе поднесам барање да достават податоци за секој обвинител посебно за ефикасноста во постапувањето, а особено за постарите предмети.
Значајна е констатацијата во Извештајот, дека обвинителите за тоа не одговараат. Уверен сум дека постапката за оценување на јавните обвинители, предвидена во новиот Закон за јавното обвинителство и разработена во Правилникот јасно ќе ја покаже ефикасноста или неефикасноста во работењето на јавните обвинители. Доколку нестручно, несовесно и неефикасно постапувале, дисциплински ќе одговараат за што може да се изрече и најтешката дисциплинска мерка а тоа е разрешување на јавниот обвинител.
ДВ: Во колкава мера забелешките и состојбите се резултат на објективни, а во колкава мера – резултат на субјективни причини?
За констатираната состојба во Извештајот има и објективни и субјективни слабости. Треба да се има предвид дека Обвинителството со години наназад, и покрај тоа што истрагата премина во негова надлежност, се соочува со недостиг од јавни обвинители. Има обвинителства во кои нема ниту еден обвинител, како што е Крива Паланка, Свети Николе, или по еден или двајца обвинители како во Основните обвинителства во Берово, Ресен, Кичево, Гевгелија. Нема ниту едно Обвинителство во кое систематизираниот број на јавни обвинители е целосно пополнет. Според тоа, недостигот на обвинители значи дека постојните постапуваат по зголемен број на предмети.
ДВ: Каква е состојбата во вишите јавни обвинителства?
Состојбата не е подобра ниту во вишите јавни обвинителства, ниту во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Од друга страна, важно е дека постои и голем недостиг од јавно-обвинителски службеници, а особено од стручни соработници чија работа е значајна во постапките на јавното обвинителство. За ваквата состојба редовно сум укажувал и конечно пред еден месец Владата заклучи дека е неопходно да се преземат конкретни дејствија и да се обезбедат потребните ресурси за нормално и ефикасно функционирање на обвинителството.
Исто така, за траењето на постапките треба да се има предвид дека во определени предмети неопходни се вештачења за кои е потребно подолго време, а кога се работи за меѓународна правна помош постапките во прекуокеанските земји траат и повеќе од половина година. Но мора јасно да се каже дека овие објективни околности, јавните обвинители не смеат да ги користат за одолговлекување на постапката. Зголемениот број на предмети по кои постапуваат некои обвинители го користат за оправдување на одолговлекување на определени постапки, други не се доволно ангажирани, но веќе реков дека при оценувањето на работата на секој обвинител субјективните слабости ќе бидат санкционирани. Убеден сум дека и новата евиденција на завршени предмети на месечна основа за секој обвинител поединечно ќе го покажат неговиот ангажман и ефикасност.
ДВ: Кои се законските механизми што ви даваат можност да побарате одговорност од обвинителите за субјективните слабости, и дали ќе побарате?
Работата на обвинителството, согласно прописите е така востановена што повисоките јавни обвинителства вршат надзор над работењето на пониските јавни обвинителства. Исто така според одредбите на Законот за јавното обвинителство, јавните обвинители кои раководат со обвинителствата, овластени се да поднесуваат предлог за поведување на дисциплинска постапка за нестручно и несовесно работење на јавен обвинител, а ваква можност за сите јавни обвинители му е дадена на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Кога ќе се утврди дека јавен обвинител несовесно, неефикасно и нанавремено постапува, ќе поведам постапка за негова одговорност. Сакам да известам дека во четврток организирам конференциска врска со раководителите на обвинителствата за да ги слушнам и нивните предлози за надминување на состојбите констатирани во Извештајот на Стејт департментот.