Соопштенија

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека постапувајќи  по поднесената Кривична пријава од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до надлежниот истражен судија при Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд  Скопје I – Скопје, поднесе Барање за спроведување истрага против  лицата С.Т. Јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Битола и Н.Х. вработен во истото обвинителство за кривично дело – Противзаконито посредување по чл. 359 ст.7 во врска со ст.2 и 3  од Кривичниот законик, со тоа што вршел влијание во повеќе предмети кои се во постапка заради добивање на противправна имотна корист, во што му помагало лицето Н.Х.

Против овие лица е предложена, а од страна на надлежниот суд е определена  мерка притвор во траење од по 30 дена, а заради обезбедување на нивно присуство во текот на кривичната постапка, поради постоење опасност од бегство, како и реална опасност дека деколку се бранат од слобода ќе ја попречуваат истрага со влијание врз сведоците, другите соучесници и прикривачите, а досега прибраните докази укажуваат и на опасност дека истите би го повториле  кривичното дело.

Барањето за спроведување истрага е поднесено врз основа на постоење на висок степен на основано сомнение дека наведените лица го извршиле кривичното дело, поради што истото е прифатено од страна на судот и по извршениот распит на обвинетите е донесено Решение за спроведување на истрага, а во тек е постапката за прибирање на предложените докази.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА