Соопштенија

Изречени мерки на претпазливост за осомничен за сообраќајната незгода со смртни последици

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со екипа од МВР, изврши увид на самото место каде на 8 јуни 2021 година, во 23:05 часот, во Скопје, на ул. „Борис Трајковски“ се случи сообраќајна несреќа во која животот го загубија две лица.  По наредба на обвинителството обезбедени се и подигнати траги од лице  место, обезбедена е фото документацијата од местото на настанот, издадени се наредби за сообраќајно техничко вештачење, како и за вршење обдукција на телата на починатите. Извршени се и други проверки со цел прибирање на материјални и вербални докази за натамошно расветлување на настанот.

Според првичните сознанија на обвинителството, сега осомничениот, 25-годишен жител на с. Батинци, скопско, управувал со патничко моторно возило Хјундаи Аксент по левата сообраќајна лента од улицата „Борис Трајковски“. Кога пристигнал пред крстосница, непочитувајќи ги надолжните ознаки на коловозот ( удвоена бела полна линија), започнал да врши престигнување од левата страна на патничко моторно возило Фиат Пунто кое се движело пред него. Осомничениот со престигнувањето го попречил сообраќајот од спротивната насока и при тоа се судрил со патничко моторно возило Мерцедес Е-200 . Од ударот, возилото на осомничениот се придвижило кон десно и удрило во патничкото моторно возило Фиат Пунто кое се обидел претходно да го престигнува. Возилото Мерцедес Е-200 од ударот се придвижило и отишло на коловозна лента наменета за сообраќај  на возилата од спротивната насока, по што бил удрен од патничко моторно возило Фолсваген Пасат и возило Фолсваген Шаран и завршило со движењето удирајќи во метална ограда на блискиот тротоар.

Од незгодата со телесни повреди се здобиле шест лица, а со тешки телесни повреди се здобило едногодишно дете.

Во сообраќајната незгода, поради тежината на здобиените повреди, на самото место животот го загубиле две лица, 28-годишен скопјанец – возачот на Мерцедес Е-200 и жител на с. Студеничани на возраст од 50 години кои управувал со возилото Фолсваген Пасат.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осомничениот возач поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

До надлежниот суд обвинителството поднесе  предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот и тоа: забрана за напуштање  на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува  повремено  на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола и забрана за издавање на нова возачка дозвола.  Основниот кривичен суд Скопје со Решение ги определи предложените мерки  на претпазливост на осомничениот.