Соопштенија

Осумдневен притвор заради закани кон кандидат за градоначалник

Закани упатени кон кандидатот за градоначалник на Прилеп и неговото семејство,  испратени  преку социјалната мрежа Фејсбук беа предмет на истрага на  Основното јавно обвинителство Прилеп и МВР. Заканите ги упатил 27-годишник од Прилеп, преку објави на социјалната мрежа Фејсбук.

Основното јавно обвинителство Прилеп поведе постапка за сторено кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 од Кривичниот законик.

Пријавеното лице во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода на граничниот премин Табановце при влез во државава и приведено на испитување во обвинителството.

Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до надлежниот суд достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му е определен притвор во траење од 8 дена.