Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против 59-годишен жител на Форино за кого постои сомнение дека го сторил кривичното дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 од Кривичниот законик.
Тој е обвинет дека на 29.05.2020 година, при вршење семејно насилство, ја загрозил сигурноста на својата сопруга и својата ќерка. Најпрвин, по расправија, тој се заканил дека ќе ја убие сопругата, која за да се спаси, заедно со малолетната ќерка, заминала да се скрие кај нивна роднина. Обвинетиот ги следел, по што продолжил со нож да се заканува на сопругата и на ќерката која се обидела да ја одбрани мајката. Двете успеале да се одбранат од насилникот и го пријавиле во полиција.
Следниот ден, на 30.05.2020 година, полицијата извршила претрес во домот на обвинетиот, каде пронашла бајонет со сечиво од 30 сантиметри, како и неколку куршуми, па против него е поднесен и Обвинителен акт за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.