Настани, Соопштенија

Соопштение

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески заедно со Бодан Лазаревски и Џељаљ Бајрами, јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска примија во посета група студенти на Клиниката за човекови права од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.

Посетителите на Клиниката за човекови права од Генерацијата 2021-2022 година на реномираниот американски универзитет се интересираа за институционалната поставеност и кривично-правните норми во земјава кои ја санкционираат трговијата со луѓе.

Како еден од клучните предизвици за поефикасно санкционирање на трговијата со луѓе и другите сродни кривични дела, јавните обвинители го наведоа недостатокот на кадровски и материјални капацитети, што како проблем е нотирано и во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за борбата против трговијата со луѓе во земјава за 2021 година.

Фактот што земјава се наоѓа на таканаречената „мигрантска рута“ кон Европската унија придонесува Јавното обвинителство секоја година да регистрира значителен број предмети кои се однесуваат на овој тип кривични дела. Во основа, станува збор за кривичните дела – Трговија со луѓе, Трговија со малолетно лице, Криумчарење мигранти, Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, како и Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти.

Согласно податоците од Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства, во текот на 2020 година за кривичните дела од Глава 34 – Кривични дела против човечноста и меѓународното право вкупно е постапувано по кривични пријави против 118 лица, од кои новопријавени се 98 лица, поднесени се обвиненија против 112 лица и од страна на судовите биле донесени пресуди против 38 лица. За 65 лица донесени се пресуди врз основа на признание на вина. Сите овие постапки се однесуваат речиси во целост на кривичните дела поврзани со криумчарење мигранти и трговија со луѓе или деца.