Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првоосомничениот во текот на овој месец организирал неовластена набавка и пренесување на наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од 25, 260 кг, при што го ангажирал второосомничениот дрогата да ја пренесе во куќа што првоосомничениот ја изнајмил, во викенд населбата Голиово, Општина Чучер Сандево. На 24 јануари второосомничениот по претходни инструкции добиени од првоосомничениот ја презел дрогата спакувана во една вреќа, една патна торба и еден куфер, ја сместил во изнајмено рент а кар возило и ја однел на договореното место каде што го чекал првоосомничениот и заедно ја сместиле дрогата во куќата, по што заминале.
Во текот на вчерашниот ден првоосомничениот се вратил во куќата, а по него пристигнале и другите двајца осомничени. Тројцата влегле кратко време во куќата, а на излегување изнеле две црни вреќи што ги сместиле во задниот дел на возилото со кое управувал второосомничениот, па заедно со третоосомничениот како совозач, се упатиле со возилото кон излезот на Скопје, додека првоосомничениот останал во куќата.
По кратко време на автопатот Скопје- Штип во близина на местото викано Преод, околу 11:30 часот, осомничените биле запрени од униформирани полициски службеници и при преглед на возилото се пронајдени дваесет најлонски пакувања наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 10,110 кг и една торба со остатоци од наркотична дрога марихуана, кои со Потврда за привремено одземени предмети се одземени од второосомничениот, а двете лица се лишени од слобода.
Во меѓувреме, првоосомничениот од куќата изнел едно пластично буре и една патна торба, ги сместил во багажниот простор на возилото со кое управувал и се упатил кон Скопје каде на ул. Јадранска магистрала, околу 14:00 часот, бил запрен од страна на полициски службеници и при преглед на возилото се откриени 30 поголеми полиетиленски паковки со наркотична дрога марихуана, една помала полиетиленска паковка и една зипер кеса со непозната растителна материја и две дигитални ваги кои со Потврда за привремено одземени предмети се одземени од првоосомничениот, а тој е лишен од слобода.
Тројцата осомничени во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на судот ќе му предложи на осомничените да им биде изречена мерка притвор.