Неопходна е координација и соработка помеѓу Јавното обвинителство и другите домашни и меѓународни институции во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Потврда за тоа е и вчерашната координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и органите на прогон на Белгија и Холандија, во рамките на која беше разоткриена криминална организација која, меѓудругото се занимавала и со неовластено одгледување канабис и продажба на наркотична дрога, изјави Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески на денешниот настан по повод завршувањето на Твининг проектот „Градење на институционалниот капацитет на Истражниот Центар“ финансиран од Европската Унија.
„Проектот „Градење на институционалниот капацитет на истражниот центар“, во вистинско време на реформи воопшто во правосудниот систем во нашата држава, влијаеше на воспоставувањето на ефикасни истражни центри и зголемување на свеста за важноста од нивно функционирање преку спроведување брзи, транспарентни и ефикасни предистражни и истражни постапки кои ќе обезбедат цврсти докази за обвиненијата и нивното претставување пред судовите“, рече Јовески.
Во моментот во Јавното обвинителство функционираат 4 истражни центри – во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово. Со цел кадровски да се екипираат истражните центри, припадници на правосудната полиција беа избрани за вршење работи на определено време од 1 година од денот на нивното преземање во истражниот центар, со можност времето за вршење работи да се продолжи за уште 2 години. Покрај припадниците на правосудната полиција, во истражните центри вработени се и јавнообвинителски соработници и советници.
„Од суштинска важност е припадниците на правосудната полиција и физички да се присутни во Јавното обвинителство што преставува еден од важните услови за зголемување на ефективноста и ефикасноста на новиот концепт на истрагата “, оцени Јовески.
„Задоволство ми е што полека надминуваме еден проблем кој се провлекуваше уште од усвојувањето на новиот Закон за кривична постапка. Првиот чекор е направен, но работата не е завршена“, рече министерот за правда Никола Тупанчески, додавајќи дека поставените основи мора да се надградуваат. Тој ги повика сите институции надлежни во борбата со организираниот криминал и корупцијата што повеќе да го користат системот на интероперабилност за размена на информациии и да ја зајакнат меѓусебната соработка.
„Преку зајакнување на сопствените капацитети даваме целосна поддршка на функционирањето на истражните центри“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој потсети дека со влегување во сила на новиот Закон за кривична постапка беше склучен Протокол за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, а од тој момент меѓуинституционалната соработка постојано се надградува.
„Овој проект е еден придонес од наша страна за да може стандардите кои важат во Европската унија да бидат применети и во земјава. Владата, министерствата и обвинителството мора да продолжат да обезбедуваат континуирана поддршка и ресурси за истражните центри“, изјави шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир.
Твининг проектот „Градење на институционалниот капацитет на Истражниот Центар“ се спроведуваше во текот на последните две и пол години, а беше поддржан од Германската Фондација за Меѓународна правна помош (IRZ), во партнерство со Министерството за правда на Република Хрватска и тесна соработка со Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за правда, Управа за финансиската полиција и Царинска Управа.