Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен акт против 20-годишен жител на селото Равен против кого се водеше истражна постапка за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес во домот на обвинетиот на 29 јануари, полициски службеници пронајдоа 58,74 грама наркотична дрога марихуана во стаклена тегла и една дигитална вага. Обвинетиот дрогата ја набавил во текот на јануари годинава и се подготвувал да ја пакува во помали пакувања со цел да ја препродаде на зависници на наркотични дроги.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Гостивар достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице, оценувајќи дека и натаму постои можност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото кое му се става на товар.