Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица од селото Калиште, на возраст од 40 и 43 години, осомничени за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители биле затекнати во близина на основното училиште во селото Зубовце, гостиварско, во вечерните часови на 12 април, а по извршениот личен преглед полициските службеници кај првоосомничениот пронашле 12 помали пакувања наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 4,83 грама, додека кај второосомничениот биле откриени две пакувања со вкупно 0,77 грама кокаин.
Бидејќи постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.