Предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица. Со преземените дејствија постои основано сомнение дека обвинетите сториле кривично дело – „Трговија со дете“ по чл. 418-г од Кривичниот законик.
Во текот на втората половина во 2021 година осомничениот белгиски државјанин, со намера да користи сексуални услуги од дете, во Белгија истражувал преку интернет и се информирал за деца до кои лесно може да пристапи. За да го оствари својот план ја избрал РС Македонија и стапил во контакт со македонски државјанин кој го поврзал со останатите двајца осомничени, родители на шест малолетни деца. Првоосомничениот во повеќе наврати доаѓал преку ГП Меѓународен Аеродром „Скопје“ каде го пречекувале двајцата осомничени и нивните малолетни деца. Со цел да се стекнат со материјална корист и да заминат за Белгија, тие се согласиле за паричен надомест, на првоосомничениот да му овозможат да користи сексуални услуги врз тринаесетгодишната ќерка, а потоа и да склучи брак со неа. За таа цел, злоупотребувајќи ја својата положба како родители на малолетната жртва, му дозволиле на првоосомничениот да престојува заедно со нив во куќата во која живеело семејството. Тој манипулирал со девојчето дека го сака и ѝ подарил златен накит – бурма и златно ланче, а на родителите им давал пари за потребите на семејството. Родителите на детето секојдневно му помагале на првоосомничениот со крајна цел под изговор за присилен брак да го однесе малолетното дете во Кралството Белгија каде што наводно ќе стапел во брак со неа и му овозможиле да создаде врска на доверба и емоционална близина со девојчето. Злоупотребувајќи ја нејзината доверба, првоосомничениот остварувал полови дејствија со девојчето до 16.05.2022 година кога полициските службеници го откриле настанот.
Денес, на предлог на јавниот обвинител Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје со Решение на тројцата осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена.
За кривичните дела што им се ставаат на товар на осомничените родители запретени се високи казни затвор во траење од најмалку десет, односно 14 години за белгискиот државјанин.