Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 и Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичен законик.
На 17 мај, при претрес во домот на осомничениот на улица „Ѓорѓи Костовски“, полициските службеници пронашле 9,9 грама кокаин и дигитална вага со траги од наркотична дрога. Во исто време, при претресот биле пронајдени и пиштол Berreta модел 950-В со калибар 6,35 мм и 20 куршуми од тој калибар, како и пиштол Ekol Tuna со калибар 8 мм.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи оцени дека постои опасност тој да се даде во бегство или да ги повтори делата за кои е осомничен.