Соопштенија

ОЈО Гевгелија со постапка за неовластено производство марихуана, кај осомничениот пронајдено и оружје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од селото Кованец, осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 и за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во временскиот период од почетокот на мај 2022 година до 31.08.2022 година, неовластено заради продажба произведувал наркотична дрога марихуана. Во куќа во изградба во близина на неговата семејна куќа тој засадил 10 семки од растението канабис кои редовно ги наводнувал и ги прихранувал со ѓубриво. Кога растенијата дошле во фаза на цветање ги собирал цветните завршетоци и ги сушел. При извршен претрес во куќата во изградба биле пронајдени осум засадени растенија канабис во висина од 1,5 – 2,9 метри, едно исушено растение, сушени делови од растението и дигитална вага. Исто така полицијата пронашла и опрема – ламби и вентилатори во импровизирана лабораторија за сушење наркотична дрога марихуана. Во една од собите во семејната куќа осомничениот неовластено држел и огнено оружје и муниција и тоа – малокалибарска пушка марка „Тоз-16“, пет куршуми за малокалибарска пушка, како и пушка ловен карабин марка „Црвена Застава“.

Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена. ​