Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна Министерство за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден донесе Наредба за спроведување истрага против четири лица. Лицата, од кои две се српски државјани, се осомничени дека сториле кривично дело „Трговија со дете“ од чл.418-г ст.1 в.в чл. 22 од Кривичниот законик.
Кон крајот на минатиот месец во Скопје, четвртоосомничениот, преку посредник, прифатил да најде невеста за синот на осомничените српски државјани. Тој стапил во контакт со првоосомничениот и се договориле за невеста да ја понудат сестрата на првоосомничениот, која штотуку наполнила 14 години. Според договорот, за склучувањето на брак ќе му бидат исплатени 3.000 евра, од кои 200 евра треба да му даде на четвртоосомничениот. За да ја остварат својата цел, прво и четвртоосомничениот го земале девојчето од домот каде што живеела и ја однеле во куќата на четвртоосомничениот. Таму преку видео комуникација постигнале договор за купопродажба на девојчето со осомничените српски државјани.
На почетокот на овој месец, осомничените српски државјани, со цел да направат подготовки за веселба, дошле во домот на родителите на девојчето. Бидејќи девојчето немало патна исправа, осомничената „свекрва“ уплатила износ од 6000 денари за поднесеното барање за издавање на патна исправа по итна постапка.
Иако девојчето не сакало да се омажи, плашејќи се од брата си, се покорило на неговата желба и на 04.09.2022 година во домот на нејзините родители била направена веселба. Во знак на револт и несогласување со ваквиот брак, на веселбата не присуствувала мајката на девојчето. Сепак, тоа не ги поколебало осомничените српски државјани и не отстапиле од намерата да ја земат невестата за која веќе ги исплатиле парите.
Кога завршила веселбата, под притисок и закани од првоосомничениот, девојчето заедно со свекорот и свекрвата – осомничените српски државјани и нивните роднини се упатиле во куќата на сестрата на свекрвата, каде останале до издавање на патната исправа. Откако ја подигнале патната исправа, свекрвата заедно со девојчето дошла во домот на нејзините родители на девојчето и побарала од мајката да појдат на нотар за да потпише полномошно за патување на малолетничката во странство. Бидејќи мајката не се согласувала со присилниот брак, го одбила ова барање, по што случајот бил откриен од страна на овластени службени лица.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот и на сите осомничени им изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
За кривичното дело што им се става на товар на осомничените запретена е казна затвор во траење од најмалку осум години.