Соопштенија

Сузбиена меѓународна криминална група што продавала хероин

Денеска во раните утрински часови, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи спроведоа координирана акција на 4 локации на подрачјето на Тетово, Гостивар и Куманово. Во акцијата се лишени од слобода три лица и при извршените претреси се пронајдени и одземени поголема количина на наркотична дрога кокаин и марихуана, четири ПМВ од кои две со хрватски национални ознаки, еден четирицикл и еден моторцикл, два пиштоли, поголема количина муниција, електронски уред за мешање на дрога, мобилни телефони, СИМ картички, парични средства во денари и евра, како и повеќе потврди за извршени финансиски трансакции.

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на МВР, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против овие лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 и кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 од Кривичниот законик.

Осомничените, заедно со лицата кои беа лишени од слобода во Р.Хрватска и против кои е започната истражна постапка од страна на УСКОК – Ријека, создале меѓународна криминална група на која припадници станале и други лица. Секој член на групата имал својата улога во набавка, продажба, складирање, посредување во купопродажба, нудење на продажба, поседување, пренесување и понатамошната продажба на дрогата. Групата неовластено пуштала во промет наркотична дрога – хероин, на илегалниот пазар за дрога во областа на Истра, Загреб и Сплит од месец септември минатата година, а дрогата преку разни канали била пренесувана од нашата држава до територијата на Република Хрватска.

Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека се исполнети законските услови до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.

На денешната акција и претходеше акцијата од 23.09.2022 година, а како резултат на повеќемесечна заедничка и паралелна криминалистичка истрага за меѓународно злосторничко здружение што се водеше во координација и соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Уредот за сузбивање на корупција и организиран криминалитет (УСКОК) на Р.Хрватска, со логистичка поддршка на Канцеларијата на ГИЗ.  ​Во акцијата на подрачјето на Р.Хрватска учествуваа и јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и полициски припадници од Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, притоа беа запленети 3,9 кг наркотична дрога хероин и беа лишени од слобода пет лица меѓу кои и еден македонски државјанин.