Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за проведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајца од осомничените, на 14 септември, на паркинг во близина на Катлановска Бања во селото Катланово, заедно заради продажба пренесувале 489,4 грама наркотична дрога – марихуана, додека третиот посредувал во продажбата на дрогата.
Полициските службеници ја откриле дрогата при преглед на автомобил на наплатната станица Сопот.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против двајца од осомничените, од кои едниот требало да се наоѓа на издржување на казна затвор во затворот Идризово, меѓутоа по сторување на делото бил откриен како слободно се движи во Ресен.
Третиот осомничен, пак, посредник при продажбата на дрогата, веќе се наоѓа во притвор, откако бил лишен од слобода пред 10-тина дена во постапка на Основното јавно обвинителство Велес за друг случај на илегална продажба на марихуана.
Од 14 септември, Основното јавно обвинителство Велес води постапка и против лицето кое ја купило дрогата од тројцата осомничени и во чиј автомобил ја пронашле полицајците.