На ден 23.04.2015 година околу 22.30 часот на железничката пруга Велес – Скопје на околу 2 км по железничката станица Рајко Жинзифов поточно помеѓу оваа станица и стојалиштето Пчиња, дојдено е до тешка железничка несреќа.
Имено, според зборовите на машиновозачот на патничкиот експресен воз бр.334 кој сообраќа на релација Гевгелија-Белград движејќи се во правец кон Скопје по изминувањето на железничката станица Рајко Жинзифов на околу 50-100 м пред возот, забележале поголема група, која броела повеќе десетици лица, како стои или оди по пругата. Во тој момент истиот презел дејствие на интензивно сопирање на возот и вклучил звучен сигнал при што дел од лицата кои се наоѓале на пругата избегале, додека пак дел од нив останале и поради неможноста на толку кусо растојание возот да сопре, удрил во истите при што дел од нив се прегазени. На растојание од околу 100-150 м од ударот возот запрел и веќе е онеспособен за натамошно движење поради оштетувањата настанати од несреќата.
Од страна на Основниот јавен обвинител во Велес заедно со увидна екипа на СВР Велес и медицински лица од Амбулантата за Брза помош во Велес е излезено на лице место и е извршен увид, при што е констатирано дека на пругата се усмртени 14 лица. Повредени лица не се затекнати на местото на настанот. Од првичните сознанија добиени од групата од околу 10-ина лица кои од непристапниот околен шумски терен се приближиле до пругата при вршењето на увидот, добиени се сознанија дека се работи за мигранти од Сомалија и од Авганистан кои се движеле по пругата во група и во моментот кога го слушнале звучниот сигнал тие успеале да го избегнат ударот на возот скокајќи од пругата во околниот простор.
Основното јавно обвинителство Велес продолжува со истрагата за настанатата железничка несреќа.