Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска прими делегација од Одборот за политички систем и правосудство во Парламентот на Република Црна Гора, предводена од пратениците Момо Копривица, претседател на Одборот и Борис Мугоша, член на Одборот.
На средбата, Јовески ги запозна црногорските претставници со уставната и законската поставеност на Јавното обвинителство. Со оглед на бројните реформи планирани во оваа сфера во Црна Гора, тие особено се интересираа за начинот на функционирање и искуствата од работата на истражните центри, законските решенија за конфискација на имот и за можностите за решавање на предметите преку инструментот на спогодување.
Црногорските пратеници се запознаа и со воспоставениот систем на одговорност на јавните обвинители, како и со обезбедувањето на просторните и материјалните услови за работа на обвинителството.