Досегашната и идната соработка во насока на подобрување на состојбите и зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство беше во фокусот на средбата меѓу Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје амбасадорот Килиан Вал.
Јовески го запозна Вал со состојбите во Јавното обвинителството и со активностите кои се преземаат во насока на јакнење на довербата и транспарентноста.
„Ние силно веруваме дека независни јавни обвинители кои се придржуваат кон принципите на ефикасност, еднаквост на оружјата и непристрасност при кривичниот прогон, се клучни за функционирањето на системот на правда“, истакна Вал.
Како одлична беше оценета досегашната соработка особено во мониторингот на Мисијата на ОБСЕ во судските предмети поврзани со корупција. „Меѓутоа, корупцијата не се сузбива само со репресивни мерки, потребно е и превентивно да се делува“, нагласи Јовески.
Притоа, двајцата соговорници се согласија Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје да ги продолжат меѓусебните консултации чија цел е да се изнајдат нови модели за соработка и за зајакнување на јавнообвинителскиот систем.