Соопштенија

Извршен вонреден надзор во предметите поврзани со работата на Општина Струга

Комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија изврши вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во сите заведени предмети против лицето Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник.

Во текот на работата, Комисијата имаше увид во вкупно 30-тина заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети Комисијата испрати укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.

Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети (2 во РО и 3 во КО уписник). Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет.

Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.

За време на извршениот надзор, членовите на Комисијата извршија и директни разговори со јавните обвинители од кои побараа да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Во исто време, членовите на Комисијата апелираа до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства. Исто така, на јавните обвинители уште еднаш им беше посочена и огромната важност за транспарентност и отчетност при водењето на сите постапки од интерес на јавноста.

Под обврска да се води од начелото на пресумпција на невиност, Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон.

Имајќи ги предвид наодите од извршениот надзор, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе повеќе дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување:

а) Писмено укажување до сите Виши и основни јавни обвинителства за ажурирање на постапувањето во сите предмети, особено во предметите кои се однесуваат на кривични дела од областа на корупцијата и во предметите кои се однесуваат на избрани и именувани функционери.

б) Писмено укажување до Вишите јавни обвинителства за задолжителна контрола на постапувањето по предметите против избрани и именувани лица при секој редовен надзор во основите јавни обвинителства во нивна надлежност.

в) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе иницира средба со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и други надлежни органи и институции, со цел активирање на национален фронт за борба против корупцијата. Во рамките на своите надлежности како орган кој раководи со истражната постапка, Јавното обвинителство ќе им даде конкретни насоки на останатите институции од правосудната полиција за динамизирање на нивните постапки, ќе инсистира на соработка и ќе побара сите други институции да одговорат со максимални напори и вложувања во борбата против криминалот.

г) Ќе се иницира средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување на обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители. Со тоа ќе се отвори можност за пријавување и од граѓаните, од другите институции, но и од самите јавни обвинители, а обвинителството ќе воспостави механизми за проверка на ваквите наводи.

Во овој процес ја очекуваме поддршката од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат нашата работа. Толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има.