Соопштенија

Договорена потесна координација на активностите меѓу јавните обвинителства и финансиската полиција

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска оствари средба со директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов со кого разговараше за потесна соработка и координација на дејствијата меѓу обвинителството и финансиската полиција во насока на обезбедување ефикасен кривичен прогон.

На средбата присуствуваа и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и заменикот на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Трајче Пеливанов.

Притоа, беше истакната важноста во следниот период да се вложат уште поголеми напори и да се покаже поголема ефективност во откривањето на незаконски стекнат имот и имотна корист од кривични дела, што ќе се ефектуира со заплена и конфискација во судска постапка.

Иванов, од своја страна, ги потенцираше и предизвиците со кои се соочува институцијата, пред се во однос на недоволните кадровски капацитети, но и потребата од усвојување на предлогот за измени и дополнувања на Законот за финансиска полиција кој е во собраниска процедура.