Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против едно лице кое е осомничено за продолжено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во периодот од мај 2021 до 19 септември 2023 година, искористувајќи исти прилики кога оштетените не престојувале во нивните викендици на различни локации во Стар и Нов Дојран, осомничениот со умисла извршил повеќе тешки кражби во кои одземал вредни предмети, мебел и апарати. Меѓу ограбените се и објекти на две правни лица, од каде биле одземени целосно системите за видео надзор – камери и ресивери, телевизори, клима уреди и друга опрема.
Осомничениот влегувал во објектите со провалување или кршење со намера да одземе туѓи подвижни предмети од поголема вредност и противправно да ги присвои, и на тој начин прибавил за себе противправна имотна корист во вкупна вредност од 2.254.350 денари.
Одлучувајќи по предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка на осомничениот му определи мерка притвор.