Тим од обвинители од Јавното обвинителство во текот на вчерашниот ден беше во косовското Обвинителство и оствари директна средба за обезбедување докази во врска со предистрагата поврзана со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше отпочната предистрагата. Притоа, косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци.
Во следниот период, во зависност од потребите на предистрагата за обезбедување докази, слична ваква средба ќе биде организирана и во обвинителството во Република Албанија.
Во меѓувреме, тимот на обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да ги презема сите дејствија за целосно испитување на настанот. Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија.
Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој се однесува на работата на Клиниката за онкологија.
Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување.