Јавното обвинителство има обврска да ја извести јавноста дека информациите изнесени денеска во врска со предистрагата за Клиниката за онкологија се погрешни и можат да предизвикаат вознемирување на јавноста. Основното јавно обвинителство Скопје во рамките на предистражната постапка за предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија со барање од 13.09.2023 веднаш ги обезбеди сите изготвени извештаи од извршените вонредни надзори на Фондот за здравствено осигурување за финансиското работење на клиниката за периодот 01.01.2015 година до март 2023 година. Не станува збор за документи од свиркачи, туку за официјални документи од државни органи достапни на истрагата. Нов тримесечен извештај за периодот до јуни 2023 година, согласно информациите добиени од Фондот, е во финална фаза на изработка и веднаш потоа ќе биде доставен до обвинителството. Нагласуваме дека не постои и воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година. Сите докази во предметот се обезбедени и веќе се предмет на анализа од стручни лица. Предистражната постапка не опфаќа одреден временскиот период и ги испитува сите евентуални незаконитости без разлика кога се случиле. Секој што има дополнителни сознанија за овој настан има обврска да ги пријави до надлежните органи.
Обвинителството уште еднаш укажува дека одговорност мора да има и ќе има, без разлика во кој временски период биле преземани какви и да се противзаконити дејатвија. Ја уверуваме јавноста дека било чиј јавен настап нема да ја насочи истрагата во погрешна насока.