Соопштенија

Обраќање на Јавниот обвинител на РСМ Јовески на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“

Почитувани пратеници,

Ова е поканата со која сум повикан денеска да дојдам тука, на седницата на Анкетната комисија. За јавноста да знае, тука пишува – Јавниот обвинител на Република Северна Македонија е повикан на седницава “во својство на сведок и/или експерт” за случајот “Онкологија”.Еве и местото на кое сега седам е определено за сведок или експерт.

Да бидам искрен, кога ја примив поканата мислев дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на ова тело, и претходно на Комисијата за финансирање и буџет на која бев повикан на истава тема, се повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води обвинителството.

Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон. Ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривична постапка со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законит начин.

Конечно, Анкетната комисија постапува спротивно и на собранискиот и на сопствениот деловник за работа.

Член 123 од Деловникот на Собранието вели:

Работните тела не можат да имаат истражни или други судски функции.

Во вашиот комисиски Деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека Анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај.

Ниту постапувањето на јавното обвинителство, ниту на најголемиот дел од сведоците кои секојдневно ги повикувате тука можат да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, но не е во ваша надлежност. Тоа го потврдуваат сите акти кои ви ги цитирав.

Секојдневно дипломатски претставници, претставници на Европската унија и на други меѓународни институции, невладини организации, ве повикуваат вас, политичарите, да не се мешате во работата на правосудството. Јас повикав на истото во оваа сала пред само неколку дена – оставете не да си ја работиме работата. Предметот онкологија се води темелно и стручно и ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции.

Ги следам расправите. Од оваа иста говорница неколку пратеници веќе излегоа за да кажат дека имале блиски кои биле пациенти на онкологија. Се надевам дека не е целта со такви дискусии да се покаже дека некој повеќе е засегнат од ова прашање. Свесни сме и знаеме сите – скоро и да нема семејство, нема дом, нема човек во државава кој не поминал или лично или преку некој близок низ траумите што ги носи дијагнозата на канцер. Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред 4 години. Во моето најблиско опкружување и сега имам пациент на таа клиника. И ова не го кажувам за да се докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистинината, туку затоа што знам дека дури и тој личен факт, кој не треба никого да засега, може да се злоупотреби политички за да се фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел, нема ниту сега да влијаам на јавните обвинители кои постапуваат, но бидете сигурни дека апсолутно, како и на сите, ми е важно да се дојде до вистината.

Затоа уште еднаш апелирам – да престане злоупотребата на предметот онкологија во политички цели и за тоа барам поддршка од целата јавност. Директно се загрозува постапката и валидноста на доказите, на што укажа и претседателот на Основниот кривичен суд Скопје. Паралелна истрага е недозволива, со тоа се загрозува истражниот процес и се дава можност на одбраната во суд да ни ги оспорува доказите.

Ако навистина се сака да се дојде до вистина и до одговорност, како што тврдите во секое обраќање, тогаш застанете зад самостојноста на јавното обвинителство и на јавните обвинители кои постапуваат во предметот. Чув дека има нови документи и докази, па ве повикувам, во Обвинителството да ги доставите сите докази за кои по собраниски, партиски и други јавни настапи тврдите дека сте ги дознале или ви ги откриле некакви свиркачи. Секој чесен граѓанин треба доказите да не ги чува, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги даде на надлежните органи. Да не дозволиме да се компромитира постапката за политички поени. Обезбедете материјални и кадровски услови за непречена работа на обвинителството. И најважно, изменете ги законите со што ќе ги заштитите граѓаните од вакви појави во иднина. Ќе си дозволам само да кажам, исказот пред вас и солзите на актуелната директорка на Онкологија многу кажуваат за проблемите со кои е соочена Клиниката. Затоа итно заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти од оваа тешка болест.

И уште еднаш нагласувам – и јас сум за утврдување на одговорност, но не смее да се компромитира обвинителската постапка. Затоа според Законот додека трае предистрагата, детали не може да се изнесуваат.

Свесен за очекувањата на јавноста, за болката и траумите што овој случај ги предизвикува кај многу пациенти и нивни блиски, со цел да не ја нарушам постапката која веќе влегува во клучна фаза, на вашите прашања во врска со детали од истражувањето и постапувањето денеска имам само еден одговор –

Спротивно на Уставот, законите и на  вашите деловници е да изнесувам факти и докази од постапувањето на Обвинителството.