Соопштенија

Упатени двајца јавни обвинители во ОЈОГОКК, канцеларија за јавниот обвинител за врски со Европравда во ЈОРСМ

Јавните обвинители Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство Скопје, со одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се упатуваат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Упатувањето се врши со цел зајакнување на капацитетите за ефикасна борба против организираниот криминал и корупција, како еден од приоритетите во програмата на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски. Тој денеска оствари средба со Хаџи Василева и Азизи, како и со основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК Гаврил Бубевски и Ислам Абази, при што ја поздрави одличната соработка меѓу овие две обвинителства која придонесува за поефикасен кривичен прогон.

Јавните обвинители Хаџи Василева и Азизи, со овластување од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, ќе продолжат да застапуваат дел од предметите по кои постапувале до сега.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Коцевски денеска се сретна и со назначениот јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија со Европравда Ленче Ристоска. Двајцата разговараа за тековните состојби и предизвици во работењето на канцеларијата за врски, со особен акцент на важноста на навремена и експедитивна меѓународна соработка во кривичните постапки. Со оглед на околноста што непосредно претпоставен обвинител на обвинителот за врски е државниот обвинител, на обвинителката и беше доделена канцеларија и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.