Соопштенија

Нареден инспекциски надзор над работите на автопатот Скопје-Куманово, издадено решение за итно запирање

По наредба на јавен обвинител, инспектор за патишта од Државниот инспекторат за транспорт изврши вонреден инспекциски надзор над градежните работи што ги изведува правно лице на автопатот А2, клучка Хиподром-наплатна станица Миладиновци, каде во сообраќајната несреќа која се случи на 2 септември автомобил „Мерцедес“ удри во товарно возило, сопственост на правното лице ангажирано на проектот, при што животот го загубија возачот на автомобилот „Мерцедес“ и неговиот малолетен син.

По надзорот, изготвен е записник и донесено е решение со кое се задолжува правното лице веднаш да ги запре сите градежни работи до добивање на одобрение од надлежен орган за времена измена на режимот на сообраќај за изведување работи на левата – брза сообраќајна лента. Во меѓувреме, правното лице треба да постави и одржува времена вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација со која ќе овозможи безбедно и непречено одвивање на сообраќајот на автопатската делница.

Непосредно по тешката сообраќајна несреќа, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица поради сомненија дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Проверките за целосно испитување на кривичната одговорност за настанот се во тек, а по краткотрајниот притвор од 48 часа, по предлог на јавниот обвинител, на двете лица им се определени мерки на претпазливост.