Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Главниот државен ревизор Максим Ацевски, заедно со претставници на двете институции, денеска, на вториот ден од работната посета на Варшава, Република Полска остварија средба во полската Врховната ревизорска канцеларија, која е највисок ревизорски орган во таа држава.
“Како истражни органи и ревизорски тела, нашата цел е заедничка – да ги заштитиме јавните финансии од злоупотреби и на граѓаните да им обезбедиме повисок квалитет на животот. За остварување на таа цел неопходна ни е добра меѓусебна координација со која ќе демонстрираме решителност во санкционирањето на сите облици на финансиски криминал”, истакна Коцевски.
Главниот државен ревизор Ацевски ги презентираше досегашните практики и искуството во соработката меѓу двете институции, која во изминатиот значително беа подобрени со меморандум за соработка и упатства за постапување со образци за доставување на ревизорските извештаи.
Првиот човек на Врховната ревизорска канцеларија на Полска Маријан Банаш ја истакна важноста на добрата соработка на ова ревизорско тело со полското обвинителство.
“Ревизорската канцеларија во Република Полска до Јавното обвинителство не ги доставува целосните ревизорски извештаи, туку поднесува пријави за конкретни незаконитости утврдени при ревизијата”, појасни Малгоржата Звејковска, правен советник во Одделот за правни прашања на полската ревизија, ангажирана за подготовка на ваквите пријави.
Во текот на вчерашниот ден, со оваа цел беше остварена посета и на Националното јавно обвинителство на Република Полска, каде исто така беа разменети искуства во однос на постапувањето по ревизорските извештаи.
Посетата е организирана со поддршка од Вестминстер фондацијата за демократија.