Соопштенија

Обраќање на Јавниот обвинител на РСМ Коцевски на тркалезна маса за соработка на институциите во борбата против корупцијата

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати на отворањето на тркалезната маса „Соработка на институциите при борбата со корупцијата“, во организација на Амбасадата на САД, Канцеларијата на ОПДАТ и УСАИД.

На тркалезната маса на која учествуваа претставници на Јавното обвинителство, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата, свое излагање имаше и Питер Нотстајн, обвинител од САД.

Во продолжение интегралниот говор на државниот јавен обвинител Коцевски:

„На темата „Што ни недостига и каде затајува системот за борба против корупцијата?“ сум зборувал многупати досега. Денеска, од овој состанок, решен сум да пренесам порака дека и покрај сите проблеми и предизвици со кои се соочуваме, и покрај тоа што знаеме дека борбата со корупцијата никогаш не е лесна, воопшто не сме обесхрабрени.

Од позиција на државен јавен обвинител сакам да ве известам за сите решителни чекори и конкретни активности кои ги преземаме и кои веќе даваат резултати.

Со оглед на законските измени, но и постојаната промена на начините со кои се користат криминалците во сторување на овие кривични дела, во Јавното обвинителство започнавме процес на сериозна реорганизација на силите. Целта е да овозможиме соодветна динамика на кривичниот прогон и обезбедување на сите докази кои на крај ќе резултираат со ефективни пресуди.

Во секој посериозен предмет во кој е утврдена противправно стекната имотна корист, особено во предметите по кои постапува обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе се спроведува детална финансиска истрага. Не само кон сторителите на кривичните дела, туку и на сите со нив поврзани лица.

Истражните центри во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и во ОЈОГОКК работат со полн капацитет, а деновиве ќе објавиме оглас за нивно доекипирање, односно пополнување на сите испразнети места за истражители. Бројот на истражни дејствија кои се преземаат преку истражните центри постојано се зголемува. Расте и бројот на институции со кои е целосно дигитализирана директната размена на информации.

Еден од чекорите кои ги презедовме во рамките на таа реорганизација е формирањето на посебно одделение за сложен и сериозен криминал во Основното јавно обвинителство Скопје, како основно обвинителство со најголем број предмети и кое во последниот период навистина се соочи со наплив на предмети кои опфаќаат тешки кривични дела и од финансискиот криминал, но и од сферата на кривичните дела против животот и телото.

Она што исто така ни е итно неопходно и на што активно работиме е целосна модернизација на системот на посебни истражни мерки. И во однос на техничките можности, но и во однос на начините на кои тие се спроведуваат.

Сторителите на кривични дела постојано го усовршуваат начинот на кој ги преземаат криминалните активности, ги менуваат каналите на комуникација, ги користат најсовремените технолошки алатки за да ги прикријат противправните дејствија.

Мора да држиме чекор со нив, дури и да бидеме пред нив. Тука мислам не само во поглед на екипираноста, туку и во меѓусебната координација и соработка. Во таа смисла, решени сме да ги користиме сите можности. Да ја поставиме на ново, уште поусогласено ниво, нашата соработка со органите на правосудната полиција, но и со останатите институции, како што се Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија, со кои практично формираме заеднички одговор кон сите што ги злоупотребуваат јавните финансии. Важна ни е и меѓународната соработка затоа што така стигнуваме до сторителите на кривични дела и до доказите дури и кога тие се кријат во други држави. Потребна ни е поддршката и од медиумите и од граѓанските организации, кои обелоденуваат важни информации за расветлување на многу корупциски скандали.

Кажав дека од ваквиот темелен пристап веќе има резултати, односно во изминатиот период веќе се оформени неколку големи предмети за кои ја информиравме јавноста, а во следниот период очекувам бројот на вакви постапки уште повеќе да се зголеми, а сторителите на коруптивни кривични дела, сите без исклучок, да бидат изведени пред лицето на правдата.

За сите овие активности, би изразил огромна благодарност и на нашите меѓународни партнери, особено на Амбасадата на САД, која постојано ги поддржува сите наши напори за што поефикасно справување со корупцијата. Очекувам од денешната тркалезна маса да произлезат и нови модалитети и нови идеи за тоа како таа соработка на институциите во борбата против корупцијата и дополнително да ја зајакнеме“, рече Коцевски.