Соопштенија

Истрага за осомничен за разбојништва и тешки кражби во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишник осомничен дека сторил повеќе кривични дела против имотот – разбојништва и тешки кражби.

Жртвите биле жени или малолетни девојчиња, кои осомничениот ги напаѓал на различни локации во Центар и Аеродром и притоа им одземал чанти, ранци, паричници, накит, телефони и други вредни предмети.

Обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека тој е извршител на најмалку пет вакви кривични дела, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 100.000 денари.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и особено веројатност да повторува вакви и слични кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.