Соопштенија

Обраќање на Јавниот обвинител на РСМ пред собраниската Комисија за финансирање и буџет по повод предлогот за ребаланс на Буџетот за 2025

Почитувана претседателка на Комисијата за финансирање и буџет,

Почитувани пратеници,

Најпрво ви благодарам за разбирањето и се извинувам затоа што не бев во можност да ви се обратам вчера, заедно со другите гости, на почетокот на вашата расправа по однос на предлогот за ребаланс на Буџетот за 2025 година.

Причината за тоа е едноставна, но директно поврзана со она за што денеска разговараме тука. Присуствував на активност во рамките на регионалниот проект преку кој во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција беше отворена посебна прилагодена соба за сослушување на најранливите – деца жртви или сведоци на кривично дело. Соба целосно финансирана со донација на земји од Европската унија.

Како и многу пати во минатото, така и сега, странските партнери ни помагаат да финансираме нешто што е јавен интерес за сите нас и што би требало да се финансира со буџетски средства, затоа што Законот за кривична постапка предвидел посебна постапка за сослушување на децата жртви и избегнување на нивна повторна виктимизација.

И ова не е прв ваков случај. Истражните центри во јавните обвинителства се финансирани во целост од донации. Донесов одлука за формирање два нови истражни центри во Битола и Штип, но ребалансот не предвидува дополнителни средства за нивна функционалност. Дел од лиценците на донираните скапи софтвери веќе истекуваат, а државата не обезбедува пари за продолжување на лиценците со што ја доведуваме во прашање одржливоста дури и на странските проекти.

Сите овие активности се нешто за што мора да се предвидуваат пари во домашниот буџет. Затоа износот на минимумот на средства кој законски е определен за обвинителството е фиксиран на 0,4% од државниот буџет. Притоа нагласувам во законот стои „од вкупниот државен буџет“, а не од буџетските приходи. И повторно и оваа година ни беа доделени само половина од законски предвидените пари.

Навистина, за разлика од лани, кога со ребалансот ни беа скратени средства, денеска сум тука пред вас да изразам благодарност што барем средствата на обвинителството не се и дополнително скратени. Но, во исто време и да нагласам уште еднаш дека одобрените околу 14,5 милиони евра, и пред и после ребалансот, нема да бидат доволни да се остварат ниту основните фукции на обвинителството. За реализација на обврските од реформската агенда не станува ниту збор.

И ќе почнам чекор по чекор.

Сите сте свесни дека трошоците на обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот Онкологија беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејствија, за сложени мултиинституционални вештачења – се ова падна на товар на обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека сработеното навремено ќе им биде исплатено.

Од кадровски аспект, ситуацијата е уште полоша од онаа кога ви се обраќав минатата година. Повторно се соочуваме со огромен одлив на кадар, кој не можеме да го надоместиме, бидејќи немаме согласност за ниту едно вработување веќе трета година по ред. Иако екипираноста на обвинителствата е една од обврските и од реформската агенда, особено зајакнувањето на капацитетите на ОЈОГОКК, неповлекувањето на пари од Планот за раст по овој основ не може да падне на товар на Јавното обвинителство. Ние во континуитет бараме и вработувања и пари за исплата на законски предвидените додатоци за мотивирање на јавнообвинителската служба, но тоа не ни се одобрува.

Во однос на вработувањата, морам да истакнам еден факт. Во текот на денешниот ден, и до Јавното обвинителство на РСМ и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се доставени дописи со кои се известува за Заклучок од седница на Владата во кој се наведува дека „во буџетот на Јавното обвинителство има фискален простор за вработувања и унапредувања предвидени како обврска од Реформската агенда, но дека обвинителството не доставило Годишен план за вработување за 2025 година“. Овој заклучок е донесен врз основа на превид или неточна информација од Министерството за финансии. Годишниот план за вработување во Јавното обвинителство за 2025 година, согласно законските обврски и рокови, е доставен до Министерството за финансии на 06.09.2024 година. На 23.09.2024 година, Министерството за финансии со допис ни одговори дека имајќи ја предвид определбата за оптимизирање на јавната администрација, не ни дава согласност за Годишниот план за вработување за 2025 година, односно во целост ни го одби.

На страна што овој Буџет не предвидува финансиски средства за дополнителни вработувања, тој не ни дозволува да ги реализираме и обврските за исплата на плати согласно важечкиот Колективен договор за што ќе бидеме соочени со тужби.

Јавното обвинителство е веројатно единствената државна институција која не добива речиси никакви средства за јакнење на институционалната доверба и за активности со кои ќе ја зголеми транспарентноста. А токму на оваа околност од нас постојано се бараат резултати.

Особено критично е прашањето за дигитализацијата. Преку ИПА 3 проектот за претпристапна помош на ЕУ обезбедивме шест милиони евра за дигитализација, опремување и системи за неколку клучни државни институции. Конкретно, за јавното обвинителство беа обезбедени пари за нов систем за електронско управување со предметите, наместо сегашниот кој е застарен, нефункционален и не одговара на потребите на обвинителствата. Од наша страна направивме се. Со технички експерти од странство точка по точка ги дефиниравме сите услови за распишување на јавната набавка и ги исцртавме контурите на новиот систем кој требаше да биде еден од најсовремените во регионот и пошироко. Условот беше еден милион евра кофинансирање од државата, пари кои не се предвидени ниту со овој ребаланс и заради кои ризикуваме да пропадне меѓународниот тендер и да ги изгубиме парите од ИПА.

За тековно одржување на објектите, за замена на дотраен инвентар кој веќе е во очајна состојба – средствата кои ни се доделуваат на годишно ниво за оваа намена се толку мали што верувајте дека веќе нема ниту заинтересирани фирми кои би се јавиле на јавен оглас за да конкурираат за такви набавки.

За разлика од нас, останатите земји од регионот покажуваат далеку поголема свест за потребата за алоцирање соодветни ресурси на обвинителството, како клучен орган кој треба да овозможи ефикасен кривичен прогон. Споредбата ја направивме и оваа година, само за да видиме дека нашата положба на листата само дополнително се влошила во однос на лани:

Ќе истакнам само неколку примери:

Во Албанија, при парламентарната расправа, Комисијата за финансирање и буџет усвои амандман со кој само за потребите на СПАК – Специјалното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција одобри зголемување на буџетот за повеќе од 2 милиони евра од првично предложените.

Во Црна Гора, иако државниот Буџет за 2025 година е намален во однос на 2024 година, средствата издвоени за работа на обвинителството се зголемени и во зафаќање се искачија на околу 0,45% од вкупниот буџет.

Затоа, почитувани пратеници, ве охрабрувам и вас, бидејќи ја имате моќта да интервенирате и да ги зголемите средствата за обвинителството во клучен момент. Секој денар вложен во правда не е залуден. Правдата мора да биде врвен приоритет, но не само декларативно, туку тоа треба да се гледа и преку алокацијата на ресурсите. Обвинителството во моментов вложува максимални напори со ограничените средства кои му се даваат да овозможи ефикасен кривичен прогон. Резултатите од нашата работа се мерливи. Минатата година имаме раст на бројот на постапки за околу 10%, а оваа година трендот до овој момент е повторно нагорен. Постапуваме по сложени предмети од кои исходот го чека целата јавност. И ќе продолжиме да работиме уште повеќе и попосветено, но имаме обврска да укажеме дека без ресурси борбата особено против сложениот криминал, организираниот криминал и корупцијата е нерамноправна.

Ви благодарам.