Почитувани граѓани
Почитувани претставници на медиумите,
Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука.
Затоа, денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Функција која што во изминатите нешто помалку од две години ја вршев чесно и достоинствено и од која заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.
Доказ за тоа е фактот што дури во 10 часот утрово, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата на која ќе се расправа за мое разрешување. Предлогот за разрешување воопшто не ми е доставен и не знам на што треба да се произнесам. Собраниска седница која очигледно требаше да биде само формалност и за која не ми беше овозможен ниту минимум разумен рок за да подготвам свое обраќање. Тоа е така затоа што е јасно дека станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на јавното обвинителство.
Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа.
Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана.
Но, дозволете ми да зборувам и за суштината – нешто што сметам дека е далеку поважно од самата постапка и правните формалности.
Откако ја презедов функцијата државен јавен обвинител, обвинителството функционира во услови на сериозни кадровски и материјални ограничувања. Бројот на јавни обвинители и стручни соработници е намален. Дел од обвинителствата работат со минимален капацитет, без соодветна техничка поддршка, без современи алатки, а често и без основни услови за работа.
Но, и покрај сето ова, како резултат на одлучните чекори кои ги презедов, резултатите од работата се видливи, мерливи и јасни. Податоците од годишните извештаи говорат дека ефикасноста на обвинителството во 2024 година е зголемена во однос на 2023 година. Верувам дека иста ќе биде состојбата и за 2025 година, а годишниот извештај веќе се подготвува.
Дополнително, ќе ве потсетам дека сработени се голем број предмети од висок јавен интерес, во кои се опфатени осомничени лица блиски до различни политички и бизнис центри на моќ. Тоа говори за неселективниот и објективен пристап во работењето на јавното обвинителство.
Имаме правосилни пресуди за поткуп и влијанија во правосудството, имаме активно обвинение за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, имаме поднесени обвиненија против организирани групи од нарко-подземјето, имаме отворени истраги за даночни малверзации, злоупотреби на ИПА фондови и многу други предмети со кои, поради несовесно работење, е нанесена штета на државата.
Конечно, за рекордно време од само два и пол месеци ја завршивме истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, а во тек се постапки и проверки и за други предмети кои произлегоа од оваа истрага. И ќе потсетам – сето ова се случуваше во моменти кога извршната власт не ни обезбеди доволно услови за борбата против криминалот и корупцијата.
Најголемата критика од последниот извештај на Европската комисија беа политичките притисоци врз правосудството, кои ни ја парализираат борбата со корупцијата. Предлогот за мое разрешување е вистински пример за тоа, кој верувам ќе се најде во следниот извештај.
Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување.
Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Со оглед на тоа што беа констатирани сериозни пропусти во работењето на одредени јавни обвинители, а кои пропусти подоцна беа потврдени и од дисциплинската комисија, иницирав дисциплински постапки. Лицемерно е да бараме одговорност од граѓаните кои го прекршиле законот, ако не можеме да побараме одговорност во своите редови. Ние, како јавни обвинители, треба да бидеме првите кои ги почитуваат прописите, го штитат јавниот интерес и служат како пример за сите останати. Затоа решив да не ги толерирам пропустите и незаконитостите во работењето на одредени јавни обвинители, како и милионските штети кои беа нанесени со нивните одлуки и да барам нивна одговорност.
Ова не се лесни одлуки.
Тие создаваат отпор.
Тие создаваат непријатели.
Но тие се неопходни ако сакаме обвинителство кое служи на законот, а не на поединци или центри на моќ.
Во ова мое последно обраќање од оваа позиција, сакам искрено да им се заблагодарам на сите јавни обвинители, на сите вработени во јавното обвинителство и во истражните центри, за нивната посветена и макотрпна работа. Затоа што заедно со мене секој ден ги издржуваа и ги издржуваат сите јавни па можеби и други притисоци, сите неоправдани прозивки кои наликуваат на јавен политички линч, работејќи неселективно и без компромис.
На крај, една порака директно до вас, граѓаните.
Почитувани граѓани,
Ми претставуваше чест на крајот на својата кариера да ја предводам оваа исклучително важна институција и секојдневно да се борам за вашата доверба во нас. Во Јавното обвинителство секогаш ќе имате сојузник за заштита на вашите права. Секогаш чувајте ја и штитете ја неговата самостојност. Обвинителството е институција во која често однадвор изгледа дека се кршат многу копја, но обвинителите и вработените во него остануваат последниот бедем што гарантира дека тие копја нема да се скршат од грбот на народот.
Јас си заминувам од функцијата, но верувам дека обвинителството поседува институционален капацитет да работи објективно и непристрасно – затоа што институциите се поголеми од поединците, а правдата мора да биде поголема од политиката.
Ви благодарам