Соопштенија

Отворена постапка против двајца полициски службеници за сторено кривично дело – Примање поткуп

Основното јавно обвинителство – Гевгелија спроведе постапка по поднесената Кривична пријава од страна на Секторот за внатрешна контрола при Полициска станица – Скопје против двајца полициски службеници. Осомничените се товарат за сторено кривично дело Примање поткуп од чл.357 ст.2 од Кривичниот законик, второосомничениот за истото дело а в.в. со чл.24 од Кривичниот законик.

На ден 01.07.2015 година околу 19,00 часот во својство на службени лица на работно место полицаец во ПС за ГН и ГП Гевгелија и инспектор за општ криминалитет за НК за КР Гевгелија, првоосомничениот преку второосомничениот индиректно побарал подарок за да изврши службено дејствие. По телефонско договарање со второосомничениот, првоосомничениот побарал подарок од 450 евра за 30 сириски државјани со што ги прекршил одредбите од Измените и дополнувањата за Законот за азил и привремена заштита за бесплатно издавање на Потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на секој мигрант поединечно.

Второосомничениот преку друго лице се договорил со двајца сиријски државјани да ги донесат 30-те грчки документи согласно кои се пополнува Потврдата за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил и при доставување на потврдите да го земат побараниот износ. При предавање на грчките документи од страна на второосомничениот пред влезот на ПС за ГП Богородица- Железнички премин Гевгелија, на лице место биле затекнати од страна на Началникот и помошник началникот на РЦ за ГР ЈУГ, при што од првоосомничениот се одземени грчките документи.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија сметајќи дека се исполнети законските услови до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија поднесе Предлог за определување на мерка Притвор против осомничените.

Постапувајќи по Предлогот за определување на мерка Притвор, Судијата на претходна постапка донесе Решение со кое на осомничените им определи куќен притвор во траење од 8 дена, како и мерка на претпазливост – Привремено одземање на патните исправи.

Основното јавно обвинителство – Гевгелија продолжува со истражната постапка , во тек е прибавување на други вербални и материјални докази во врска со овој кривично правен настан. До завршување на постапката сириските државјани ќе бидат сместени во Центарот за странци во Скопје.