Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Прилеп прими кривична пријава за девет осомничени лица

Основното јавно обвинителство – Прилеп денес од страна на Министерството за внатрешни работи – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал прими Кривична пријава против девет лица, од кои петмина се судии од Основниот суд – Прилеп, а четворица се доктори од областа на психијатријата. Осомничените се товарат за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 од Кривичниот законик, дел од нив за помагање при извршување на кривично дело.

Пријавените лица се сомничат дека во временскиот период од 2012 до 2014 година ги пречекориле границите на службените овластувања и на осуденик од Прилеп, кој бил на издржување на казна затвор во траење од 10 години и 7 месеци, за сторени кривични дела Убиство и Измама, му овозможиле прекин на издржувањето на казната во повеќе наврати.

Основното јавно обвинителство – Прилеп ја проверува содржината на кривичната пријава, по што надлежниот обвинител ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.​