Во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители денеска го промовираше Прирачникот за примена на мерката притвор низ примата на член 5 од Европската конвенција за човекови права.
Изготвувањето на овој Прирачник претставува значаен придонес кон унапредувањето на примената на стандардите утврдени со член 5 од Европската конвенција за човекови права, кој го гарантира правото на слобода и сигурност, но и кон понатамошното унапредување и вооедначување на домашната судска и јавно обвинителска пракса,
На промоцијата присуствуваа судии и јавни обвинители од целата држава, членови на Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, како и претставници на дипломатските претставништва во земјата.
Со поздравно обраќање до присутните промоцијата ја отвори директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски која истакна: „Притворот е една од најрестриктивните мерки во кривичното право со која се ограничува едно од основните човекови права, а тоа е правото на слобода. Токму затоа нејзината примена мора да биде внимателна, оправдана и секогаш заснована на закон и на јасни критериуми. Прирачникот е наменет пред се за судиите и јавните обвинители кои ја носат одговорноста во постапката поврзана со изрекување на мерката притвор. Верувам дека ќе биде корисна алатка за унапредување на стручноста, воедначување на праксата и зајакнување на правната сигурност.“

Во своето поздравно обраќање јавниот обвинител на Република Северна Македонија, м-р Ненад Савески истакна: „ Многу често во јавноста притворот се перцепира како казна и демонстрација на општествена осуда за стореното дело или како единствена мерка која може во доволна мера да одговори на ризиците по постапката. Но, тој пристап не е правилен, а тоа јасно ни го покажува и праксата на Европскиот суд за човекови права. Во обидот да се задоволи јавноста и јавниот притисок, страдаат човековите права, а притворската мерка понекогаш се предлага без воопшто да се испитаат можностите за други полесни мерки за обезбедување. Таквата пракса мора да биде изменета и на тоа апелирам од преземањето на оваа функција. Јавните обвинители и преку своите предлози треба да бидат гаранти на доследна примена на членот 5 и воопшто на Европската конвенција за човекови права. Прирачникот, кој го презентираме денеска и во кој знам дека сите автори вложивме огромен труд и целото свое професионално искуство и знаење во оваа област, нуди навистина практични препораки и за судиите и за јавните обвинители како да ја подобриме праксата во таа насока.“

Министерот за правдата, проф. д-р Јетон Шасивари од говорницата на Јавното обвинителство на РСМ порача: „Притворот не смее да стане инструмент на автоматизам. Не смее да стане замена за пресуда. И најважно, не смее човекот да биде третиран како виновен пред да биде донесена правосилна одлука за вина. Во тоа е суштината на презумцијата на невиност, и токму тука мора да бидеме внимателни. Тој може да биде оправдан само тогаш кога постои конкретна, реална и индивидуално утврдена причина и кога целта на постапката не може да се постигне со поблага мерка.Тоа не е само прашање на примена на Законот за кривичната постапка.Тоа е прашање на Уставот, на Европската конвенција за човекови права и на стандардите што произлегуваат од јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права.“
На промоцијата до присутните се обратија и г-ѓа Мирјана Лазаровска Трајковска, судија на Врховниот суд на РСМ и поранешн судија на Евроскиот суд за човекови права која истакна дека како држава сеуште не сме ги научиле препораките на ЕСЧП. Според неа станува збор за системи проблем кој се надминува со пракса и силно верува дека овој прирачник ќе придонесе за унапредување токму на судската и јавнообвинителската пракса.
Шефот на Секторот при Совет на Европа, Бојана Николин порача дека Совет на Европа ќе остане и понатаму силен поддржувач на правосудниот систем на Република Северна Македонија. Горди се поради тоа што нивната иницијатива завршува со издавање на овој Прирачник, за што посебно изрази благодараност до директорката на Академијата за нејзината исклучителна соработка во изготувањето на ова вредно четиво.
Содржината и клучните аспекти на Прирачникот ги презентираа неговите автори: Тања Милева, судија на Апелационен суд Скопје, Дарко Јакимовски, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје и Жарко Алексов, правен експерт.

Прирачникот има за цел да понуди практична и стручна поддршка на судиите и јавните обвинители при примената на мерката притвор, преку систематизирање на релевантната домашна и европска рамка и издвојување на клучните стандарди и принципи што произлегуваат од практиката на ЕСЧП.
Авторите изразија уверување дека резултатите од нивната посветена работа и содржината на Прирачникот ќе најдат практична примена во секојдневното постапување на судиите и јавните обвинители, придонесувајќи за доследна и аргументирана примена на мерката притвор, во согласност со домашното законодавство и европските стандарди за заштита на човековите права.
Промоцијата на Прирачникот претставува уште еден чекор во насока на јакнење на професионалните капацитети на правосудните професионалци и обезбедување на високо ниво на заштита на основните човекови права и слободи.