Соопштенија

Билатерални средби со претставници на обвинителствата од Јужна Америка за соработка во борбата против трговија со луѓе

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапуваат во предмети за кривичното дело – Трговија со луѓе денеска остварија билатерални средби со претставници на обвинителствата од Бразил, Колумбија и Венецуела кои во нивните земји постапуваат по ваков вид на криминал.

Средбите беа организирани на маргините на дводневната Регионална експертска средба посветена на зајакнувањето на прекуграничната соработка и заштитата на странските жртви на трговија со луѓе во Западниот Балкан што се одржува во Скопје, под покровителство на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ).

На средбите беа разменети искуства и информации во однос на конкретни постапки со сомненија за трговија со луѓе во кои осомничени или жртви доаѓаат од јужноамериканските држави.

Исто така, беше договорена и натамошна директна соработка и испитување на можностите за потпишување меморандуми со кои дополнително ќе се развијат каналите за размена на информации со јавните обвинителства во овие земји со цел ефикасен прогон на меѓународниот криминал.