Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ги презема потребните дејствија за да ги расветли причините за употребата на огнено оружје од страна на полицаецот од Полициската станица Свети Николе, кој вчера вечерта при вршење на службени дејствија со пиштол лиши од живот едно лице.
Според првичните сознанија, полицаецот при вршење на службени дејствија, забележал возило Лада кое се движело со голема брзина и велосипед кој се движел пред него. При што, возачот на Лада, видно лут од велосипедистот поради тоа што тој се движел пред него и му пречел во движењето, го запрел возилото и започнал вербална и физичка расправија. Полицаецот пристапил , ги одвоил лицата и започнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој пак давал отпор и започнал со тегнење и буткање да се спротиставува на службеното лице. Потоа возачот седнал во возилото и започнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот.
Возачот на Ладата, триесет годишен жител на Свети Николе, потоа во два наврата, движејќи се по патот и вртејќи полукруг се враќал кон полицаецот обидувајќи се да го прегази. Во неговиот втор обид бил спречен од страна на полицаецот кој во полуседечка положба употребил огнено оружје и притоа му нанел огнострелна рана, од која лицето починало.
Надлежен обвинител продолжува со истражните дејствија со цел да се утврдат фактите и доказите во предметот.