Соопштенија

Постигната спогодба за казна затвор во траење од 15 години

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес постигна спогодба со обвинетиот Е.И. за кривичното дело – Разбојништво од член 237 ст.4 вв ст.1 вв член 19 ст.1 од Кривичниот законик да му се изрече казна затвор во траење од 10 години и шест месеци, за кривичното дело – Предизвикување на општа опасност од член 288 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик да му се изрече казна затвор во траење од 3 години и за кривичното дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи од член 396 ст.2 вв ст.1 од Кривичниот законик да му се изрече казна затвор во траење од 9 години и шест месеци, односно како единствена казна да му се изрече казна затвор во траење од 15 години.

Кривично правниот настан се случи на седми септември оваа година во Трговскиот центар во Велес кога обвинетиот со закана со употреба на огнено оружје се обидел од менувачница да одземе пари со намера противправно да ги присвои. Обвинетиот маскиран со капа – фантомка влегол во менувачницата со оружје што е забрането за граѓаните и неовластено го поседувал -автоматска пушка калибар 7,62х39 мм со полна рамка и истата ја вперил кон оштетениот заканувајќи му се по живот доколку не му ги даде сите пари. Оштетениот при меѓусебна турканица во која биле испукани два куршуми, успеал да го истурка обвинетиот надвор од менувачницата и започнал да бара помош, по што обвинетиот испукал уште два куршуми со што со умисла предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде се движеле поголем број лица. Обвинетиот успеал да се истргне од оштетениот, но набргу бил совладан од случајни минувачи и предаден на полицијата.

На денешното рочиште во Основниот суд во Велес е донесена пресуда со која се прифати Предлог-спогодбата и притворот на обвинетиот ќе продожи до започнување со издржување на казната затвор.