Соопштенија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе барање за враќање на 20 икони со непроценлива вредност

Согласно Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривична материја и Законот за меѓународна соработка во кривична материја на Република Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција преку Министерство за правда, до надлежниот суд во Тирана, Република Албанија, поднесе официјално барање за враќање на 20 икони со непроценлива вредност, сопственост на Република Македонија.

Имено, во полициската акција наречена „Икона“ во 2013 година албанската полиција заплени поголем број на икони и црковни предмети. Во декември истата година, на средбата помеѓу албанската и македонската полиција беше споделена информација дека 20 од запленетите икони не потекнуваат од Република Албанија и дека постои можност истите да се одземени од цркви и манастири лоцирани во западниот дел на Република Македонија, со оглед на тоа што членовите на криминалната група вршеле криминални активности и на територијата на нашата држава.

По добивањето на оваа информација, експерти од Република Македонија, извршија увид во запленетите икони и подготвија стручен наод и мислење во кој беше утврдено дека 20- те икони, потекнуваат од цркви и манастири што се наоѓаат во западниот дел на Република Македонија и дека истите се оригинални. Понатамошното собирање на материјални докази утврди од кои цркви и манастири, во кој временски период и на кој начин предметните икони се противправно одземени и потоа илегално изнесени од Република Македонија.

На почетокот на 2014 година, на средба што се одржа во Тирана, помеѓу обвинителите на Република Македонија и Република Албанија, беа разменети информациите за утврдените материјални докази. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на својот колега во Тирана му достави вешт наод и мислење за потеклото, оригиналноста и непроценливата вредност на 20-те икони – културно наследство и сопственост на Република Македонија, како и докази за потеклото на иконите од црквите, времето кога биле одземени, како и за начинот на кој се утврдени материјалните траги. Доказите прибрани во текот на истрагата, обвинителот од Тирана ги приложи кон поднесениот обвинителен акт до надлежниот суд во Тирана и есента минатата година беше донесена правосилна осудителна пресуда.