Соопштенија

Четворица опфатени со Наредба за спроведување истрага во акцијата "Лотос"

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничени се лицата  Б.Х. роден 1976 година кој бил организатор на мрежата препродавачи на дрога, С.А. роден 1989 година, А.М роден 1969 година и Д.Б. роден 1962 година кој  ја препродавале дрогата на трети лица. Оваа група на дилери на дрога, сите од Велес, работела на поширока територија на државата, па се очекува поголем број на постапки кои ќе се спроведуваат против осомничени лица и од страна на надлежните основни јавни обвинителства.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судот му предложи определување на мерка Притвор за  двајца од осомничените и тоа Б.Х и А.М. Предлог беше прифатен од судот и со Решение на осомничените им е определен притвор во времетраење од 30 дена. Другите двајца осомничени  веќе беа со изречена казна односно мерка и тоа лицето С.А. е  на издржување на казна затвор за друго сторено кривично дело исто така поврзано со наркотични дроги. Осомничениот  Д.Б.  е во притвор произлезен од друг претходен предмет, по неговото неодамнешно лишување од слобода откако му беа пронајдени дваесетина килограми марихуана .

Истрагата продолжува во насока на разоткривање на случајот и прибирање на доказите во предметот.