Основното јавно обвинителство во Велес спроведе истрага и до Основен суд – Велес поднесе Обвинителен предлог за кривично дело – Измама од чл.247 од Кривичниот законик, против Д.Н.К. вработена во Министерството за култура на РМ, која во текот на постапката пред обвинителот себе си се претставувала како портпарол во Кабинетот на заменикот министер за култура.
Обвинетата се товари дека, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, во периодот од 07.08.2016 до 03.09.2016 година во повеќе наврати ги довела во заблуда оштетените (татко и ќерка) лажно прикажувајќи им го фактот дека може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР на огласот за прием на полицајци, кој бил во тек.
Притоа таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од актуелната власт и МВР со што ги навела оштетените да и исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување.
Три дена по последната уплата, оштетените добиле известување од обвинетата по телефон и пристапиле во Центарот за обука во Идризово заради потпишување на договорот за вработување, но им било кажано дека не е организирано потпишување на договори и дека нивниот син, односно брат воопшто не е примен на огласот за обука на полицајци.
Во текот на истрагата беа испитани оштетените лица и сведоци, а беа прибрани и повеќе материјални докази во поткрепа на Обвинителниот предлог.
ПОЈАСНУВАЊЕ:
Министерството за култура на Република Македонија попладнево достави писмено известување до Основното јавно обвинителство – Велес, со кое информираше дека обвинетата Д.Н.К. е вработена во Министерството за култура, но не е ниту портпарол, ниту воопшто е распределена на работно место во Кабинетот на заменикот министер за култура. Обвинетата во текот на целата постапка пред надлежен јавен обвинител се претставува како вработена на работно место портпарол во Кабинетот на заменикот министер за култура.