Привремената Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности на локалните избори 2017 година, што е формирана во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија, денеска одржа консултативна средба со граѓански организации.
На средбата беа поканети претставници на граѓанските организации кои го следат изборниот процес. Целта на средбата беше тие директно да се запознаат со начинот на работа на привремената комисија, како и да се приберат нивните првични согледувања за текот на изборниот процес.
Претседателот на Комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, уште еднаш упати апел до граѓанските организации кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности и тоа на електронската адреса за таа намена – izbori@jorm.gov.mk